Возачот кој со комбе прегази десетмина пешаци во Торонто, е приведен. Според последните информации станува збор за 25-годишниот Алек Минасиан. Според канадските медиуми, возачот со изнајменото бело комбе намерно влетал во толпата во северниот дел на Торонто, при што настрадаа 10 луѓе, а 15 се повредени. Полицијата информираше дека напаѓачот е во притвор. Тој не давал отпор при приведувањето. Според шефот на полицијата, мотивите за нападот сè уште не се познати. Според канадскиот министер за јавна безбедност во Торонто, нападот не е поврзан со прашањето на националната безбедност.

Според светските медиуми, инцидентот се случил на крстосницата меѓу улицата Јонг и авенијата Финч. Еден сведок за Си-ен-ен изјави дека возачот намерно ги целел пешаците. „Намерно го направи тоа, сакаше сите да ги убие, луѓето паѓаа еден по еден“, кажа тој. Тој додаде и дека имало доста постари лица на улицата, но дека во еден момент видел бебешка количка како лета во воздух.

Инцидентот се случил во време кога во Торонто се одржува состанок на шефовите на дипломатиите на земјите на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот. Според снимките кои ги објавија канадските медиуми, возачот на комбето при апсењето тврдеше дека има пиштол и бараше од полицајците да го убијат.