Хашер Џалал Тахеб од Џорџија е уапсен и обвинет за планирање и обид на напад на Белата куќа со помош на експлозив, соопштија американските власти. Тахеб (21) од Каминг е уапсен вчера во операција на ФБИ и обвинет за обид за нанесување штета или уништување на зградата во сопственост на САД преку отворање оган или користење експлозив, рекол американскиот јавен обвинител Би Џеј Пак, пренесе АП.

ФБИ организирало пресретнување кога локалната агенција за споведување на законот во март соопштила дека добила дојава од неидентификувано лице, кое рекло дека Тахаб се радикализирал, го сменил презимето и дека планира да патува во странство, се наведува во писмената изјава на агент на ФБИ до судот.

Тахаб на тој агент, кој тогаш бил во цивилка и за кого не знаел дека работи за ФБИ, му рекол дека никогаш не пукал од пиштол, но дека може лесно да научи, а навел дека гледал некои видеоснимки за тоа како гранатите експлодираат, соопштиле американските власти.

Како што навел агентот, Тахаб рекол дека планира во октомври да патува во странство поради хиџра, а тоа се однесува на, како што објаснил агентот, патување на територија контролирана од Исламската држава.

Со оглед дека немал пасош, тој не можел да патува, а извори на ФБИ рекле дека сака да изведе напад во САД на Белата куќа и на Кипот на слободата.