Неколку страни од најновото издание на престижното турско списание кое се печати на руски и англиски јазик, се посветени на Охрид како бисер на Балканот. 

Охридското езеро е опишано како едно од најубавите природни езера сместено во западниот дел на Македонија , а Охрид се опишува како град кој со своите природни и културно- историски убавини е под заштита на УНЕСКО. Одделен пасус е посветен и на музичко сценската манифестација “Охридско Лето“.  Holiday Magazin е популарно  списание во светски рамки и се дистрибуира на големите аеродроми и трговски центри ширум Светот.

Промоцијата на Охрид во овој печатен медиум  е резултат на промотивната тура “Охрид 2014“ која се одржа од 4 до 6 април годинава, а на која присуствуваа претставници на туроператори, туристички агенции и медиуми од Турција, Албанија, Србија, Бугарија, Русија и Косово кои остварија директни средби со туроператорите и хотелските субјекти од Охрид.

Целта на промотивната тура  беше гостите да  се запознаат со туристичките потенцијали на Охрид и со сите оние специфични елементи на туризмот .
Како резултат на посетата, на неколку турски медиуми беа емитувани видеа, репортажи, спотови за Охрид.

Промотивната тура “Охрид 2014“ беше   дел од Програмата на општина Охрид  за поттикнување на развојот на туризмот.

OhridNews