Прекрасната природа и гостопримството ги пленат странските туристи кои доаѓаат во Охрид. Меѓу многубројните странски гости кои за Велигден престојуваа во Охрид затекнавме и група туристи од Латвија. Изненадени беа од убавините на Охридското Езеро и градот, а посебно од храната.
– Се чувствуваме многу убаво во Охрид. Дојдовме од Латвија, каде пролетта сеуште не пристигнала. Кај нас нема вакви планини и толку храна и месо во Латвија не јадеме. Ни се допаѓа и среќни сме што го посетивме Охрид.- ни изјави водичот на група туристи од Латвија.
Латвијците изненадени колку се јаде во Македонија
Викендов во Охрид пристигна и првата група холандски туристи кои се очекува ова лето да ги има во голем број. Дел од нив повторно доаѓаат, затоа што за Охрид ги врзуваат убави спомени.
– Јас сум тука прв пат, а мајка ми втор пат. Всушност тука сме на нејзино инсистирање. Таа сакаше да го посети Охрид уште еднаш бидејќи има многу убави спомени од одморот кој тука го поминала со мојот татко, во 1985 година.-истакна турист од Холандија.
По 26 години повторно во Охрид
Од мај на аеродромот „Св. Апостол Павле“ секоја недела ќе слетуваат по два чартер авиони со туристи од Холандија, а има најава за уште еден, трет чартер лет од Амстердам за Охрид.
Г.М.