Добросав Гавриќ, осуден за убиството на командантот на „Тигрите“, Жељко Ражнатовиќ Аркан е уапсен во Јужна Африка и ќе се појави на суд следниот месец поради обвинение за поседување на кокаин. Во размената на информациите меѓу српското МВР и јужноафриканската полиција се уште не е официјално потврден идентитетот.

Благодарение на пет грама кокаин, наводно пронајдени во неговиот џеб по пукањето во Кејптаун, откриено е дека во прашање е Гавриќ, а не „Саша Ковачевиќ“ како што се идентификувал по нападот. Гавриќ во март беше ранет со куршум во градите додека возел „BMW X5“ во кој се наоѓал убиениот шеф на јужноафриканската мафија Сирил Бика.

На аавтомобилот во кој се наоѓале Бика и Гавриќ пукале двајца напаѓачи на моторцикл, а се претпоставува дека се во прашање професионални убијци, бидејќи шефот на мафијата е погоден со првиот куршум во окото, а уште пет биле испукани во неговата глава.

Возачот тогаш се идентификувал како „Саша Ковачевиќ“, а неговото право име е откриено откако јужноафирканската полиција, во текот на истрагата за убиства побарала информации за него во истражниот тим.

Полицијата утврдила дека Гавриќ има фалсификувани документи, му зела отпечатоци на прстите и ги предала на европски Интерпол на проверка.

Јужноафриканските власти чекаат потврда за отпечатоците, по што се очекува Србија да побара екстрадиција на Гавриќ.

Српскиот бегалец Добросав Гавриќ познат во меѓународното подземје како убиецот на Аркан е осуден за поседување на кокаин, а сослушувањето ќе биде одржано следниот месец во Кејптаун.

Гавриќ е осуден во 2006 година на 35 години затвор поради убиството на Аркан, командантот на Српската гарда, „Тигри“ на 15 јануари 2000 година. Неговите соучесници Милан Ѓуриќ и Драган Николиќ Гаги се осудени на по 30 години затвор.

Гавриќ и Ѓуриќ не се појавија на изрекувањето на пресудата во Белград, бидејќи побегнаа од Србија, а по нив беше распишана меѓународна потерница.Се смета дека тој е припадник на озлогласената источноевропска криминална група на Балканот, која ја води српската мафија, пишува „Њу ејџ“

OhridNews
Извор:,, Макфакс”