Jубилејна изложба „Половина век современа карикатура“ од авторот Блаже Докуле во петок ќе биде отворена во галеријата во Куќата на Робевци со почеток во 20:00 часот, информираат од НУ Завод и Музеј Охрид.

Блаже Докуле е роден во 1953 година, дипломирал право во Битола. Црта непрекинато од 1971 година, а негови карикатури се појавуваат во голем број публикации, како „Екран“, „Остен“, „Нова Македонија“, „Време“, „Јеж“, „Осмех“ и многу други. Припаѓа на третата генерација македонски карикатуристи која се појавува околу 1970 година, генерација со силен нов бран во светот на домашната и светската карикатура.

Најнапред црта под влијани на француските мајстори на еротска карикатура Ласлави и Ховив, потоа силен впечаток му оставаат Борн, Барток и Забрански, а ги почитува и домачните автори Костовски, Анѓелкоски, Бороевиќ, Пејчинов, Игњат, Џајков, Филипов, Јоциќ и неговиот наставник од Основно училиште Петровски. Црта класична карикатура со особен свој стил како и стилизиран и „чист“ кроки стил на Волински и Рајзер.

Блаже Докуле отворил три самостојни изложби во Книн во 1980 година, Битола во 1999 година и во Струмица во 2001 година. Добитник е на над 50 меѓународни и домашни награди од Кореја, Русија, Турција, Романија, Словачка меѓу нив и 4-ти Ноември во Битола и В.П. Цицо за животно дело, како и Гран при златни, сребрени и бронзени плакети.

Наградуван е и за новинарство стрипови и хумуристични текстови. Блаже Докуле е најпечатениот автор во македонската карикатура веќе 50 години со непрекината работа.

OhridNews