Педесетина ученици од подрачното училиште во Косел, членови на еколошката секција , како и членови на литературната секција со напишани еко-пораки  и еко-пароли  на  забележителни еко-транспаренти денот на пролетта го искористија во функција на будење на еко-свеста на сите чинители за одржување на  здрава и чиста природа.


Имено, во рамките на  одбележување на Денот на пролетта и екологијата, учениците од Косел , од најмалите до највозрасните активно и со голема грижа учествуваа во  уредување на  училишните дворови и пристапните патеки до училиштето, како и во освежување на   заштитните  метални  и дрвени огради околу прозорците и училишните простории.


Додека малите  од одделенска настава заедно со своите наставнички  ги уредуваа  ѕидните весници и ги “расцветуваа своите разгранети дрвца”  нивните повозрасни другарчиња  заедно со техничкиот персонал  и наставниците учествувааа  во “мајсторските работи” околу  металните и дрвените огради.


Сепак, најинтересни и најзабележителни беа  членовите на еколошката и литературната секција кои  со  соодветно функционални еко-транспаренти продефилираа  низ селските  улици и  вдолж брегот на Коселска река, при што  имаа задача да  евидентираат  несовесни  и нееколошки постапки од несовесни  граѓани на кои им доделуваа СИМБОЛИЧНИ КАЗНИ, а истовремено и да забележат  убаво уредени дворови  за чии  совесни сопственици следуваа симболични и ВРЕДНИ НАГРАДИ. 

Дел од членовите на еко-патролата  беа во улога и на новинари кои  ги анкетираа жителите на Косел ЗА СЕГАШНАТА ЕКО-СВЕСТ   и за грижата  за својата животна средина. 

фото: Дим Дон