Членови на Ротаракт Клубот од Охрид, во соработка со Здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија”, Охрид денеска одржаа работилница за женски права со ученички од С.О.С.У “Св. Кирил и Методиј”, О.С.У “Св. Климент Охридски” и О.Е.М.У.Ц “Св. Наум Охридски”, во просториите на средното економско училиште. Работилницата беше одржана во пресрет на 8-ми март, меѓународен ден на жената. 

Присутните средношколки имаа можност да се запознаат со идејата за подигнување и зајакнување на правата на жената на секое поле, од средината на 19-тиот век до денес, за појавувањето на движењето за правата на жените, и, посебно, за правото на глас. Дискутираа и за важноста на жените да носат одлуки кои ќе го подобрат нивниот квалитет на живот, како и дека од исклучително значење е нивното присуство во општествениот живот, посебно од аспект на нивното активно учество во процесите на донесување одлуки. Заклучено беше дека жените и девојките мора да бидат еднакви со мажите и момчињата во секој сегмент, затоа што, како што рекоа, честопати, жената е таа која мора посилно и позначајно да се носи со предизвиците на животот.

Средношколците сметаат дека во првите децении на XXI век, имаат право да одлучуваат за суштинските аспекти во нивните животи, како и дека гледаат зголемен напредок во унапредувањата на женските права, од аспект на поголемото присуство на жените во политиката, образованието, социјалата, здравството, науката, итн. 

Од Ротаракт клубот најавуваат дека и понатаму ќе продолжи со активности, кои ќе придонесат за промоција, заштита и унапредување на севкупниот општествен живот и ангажман на секој млад човек, со посебен акцент на жената.

OhridNews