Еднодневна едукативна екскурзија на брод за учениците од три основни училишта во Охрид во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ организираше Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина ‐ Регионален зелен центар Охрид.

Екскурзијата започнала со испловување на бродот Александрија 2 од градското пристаниште, а пловидбата се одвивала на релација пристаниште Охрид ‐ с. Подмоље ‐ Св. Наум ‐ пристаниште Охрид. Вкупно 100 ученици со нивните одговорни наставници од ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Братство Единство“ и ОУ „Ванчо Николески“ ‐ с. Лескоец, главно ангажирани во еколошките секции биле дел од истата.

Според агендата, следеле пет часа исполнети со едукација, забава и дружба, при што биле одиграни три едукативни игри со мотиви поврзани со трската, одржани мини предавања за значењето на трската од страна на експерт, посета на Заливот на коските, а пловидбата завршила со дискусија за виденото и наученото, информираат организаторите.

Навистина сме задоволни како се одвиваше целата екскурзија. Морам да признаам дека при самата организација на настанот постоеше одредена доза на страв, бидејќи сепак се работи за тинејџери и не знаете како ќе реагираат на тематиката, колку ќе се заинтересирани, дали ќе успееме да им го задржиме вниманието. Во тој поглед сме позитивно изненадени од енергијата, желбата и натпреварувачкиот дух на учениците да се вклучат целосно и внимателно во секоја активност која беше предвидена на настанот. Мислам дека сите до еден си заминаа дома среќни и задоволни после одлично поминатиот ден и секако со по нешто ново научено за појасите со трска во Охридското Езеро, изјави Ана Бојаџиева, раководител на проектот.

Целта на овој настан, велат организаторите, била на еден забавен начин да се задржи вниманието на младите и притоа да се долови значењето и потребата од заштита на трската во Охридското Езеро.

Со огромна чест и задоволство, на покана од РЗЦ Охрид го прифатив предизвикот да бидам модератор на овој настан во сегмент на едукација на млади. За што поефикасна реализација, со тимот и волонтерите имавме неколку средби каде беа дефинирани конкретните едукативни вежби преку кои ученичите се здобија со потребните знаења и во иднина би ги пренеле на своите врсници. Едукативните игри беа прилагодени на возраста и учениците преку интеракција беа поделени во пет групи составени по случаен избор од сите училишта што беше придобивка плус за нивно запознавање и тимска работа, изјави Анета В. Јованоска, модератор на настанот и долгогодишен аниматор и едукатор на деца и млади на многубројни проекти.

Во поглед на следните чекори, велат, планирана е посета на сите основни училишта откако ќе се финализираат крајните продукти ‐ кратки информативни видеа, документарен филм и сл. кои ќе се презентираат од страна на членови на нашето здружение со помош од учениците кои присуствувале на екскурзијата.

Во месеците кои следат планирани се три работилници на кои ќе бидат поканети сите засегнати страни за правилно управување со трската (локалното население, релевантни институции, експерти, млади, спортисти итн.). На нив ќе се дискутира за моменталната ситуација и за мерките кои треба да се преземат за правилно управување со трската, ќе се водат забелешки и ќе се донесат одлуки кои понатаму ќе бидат вметнати во предлог‐ иницијативата, додаваат од Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина ‐ Регионален зелен центар Охрид.

OhridNews