Учениците од петтите одделенија при ОУ „Григор Прличев“ го посетија охридскиот Основен суд во придружба на учителките: Биљана Иваноска, Валентина Трпческа, Нина Ристеска, Мимоза Трајческа и Радмила Лотеска.
Целта на посетата беше да се прошират и продлабочат знаењата за судот и судската власт, а кои се изучуваат според наставниот план и програма по општество на тема: Државно уредување во Република Македонија.
Судските работници на учениците им одржаа исцрпно предавање за задачите на Судот, работните обврски на вработените, а за учениците беше отстапена и судница во која беше симулирано судење, во кое учество зедоа и самите ученици.
Покрај посетата на Основниот суд Охрид, на отворен час по општество поврзано со оваа наставна материја учениците имаа можност да го слушнат предавањето на судијата во пензија Диме Јорданов од Велес. Неговото излагање беше проследено со голем интерес и тој успеа да ги поттикне учениците да прашуваат и на тој начин многу потемелно да ја совладаат предвидената материја.
















