Стручни лица од ИЗИС да се изјаснат за безбедноста на училишната зграда и во најкраток рок да се санира штетата предизвикана со земјотресите, бараат родителите на ученици од основното училиште „Братство и единство“, кои посетуваат настава во централниот објект.

Имено, потресите кои се случија во охридскиот регион, од кој најсилниот беше со јачина од  5 степени, предизвикаа оштетување на самиот влез од зградата, поради што од страна на стручни лица од институтот било укажано дека мора да се изврши санација.

Оштетувањето се уште не е санирано, а во понеделник започнува новата учебна година. Од страна на раководството на училиштето, на родителите им било кажано дека учениците ќе мора да го користат споредниот влез во објектот.

– Станува збор за стар објект и не сакаме да ги пуштаме децат да влегуваат додека стручни лица од Институтот за земјотресно инженерство не дојдат и ни кажат дека зградата е безбедна за користење. Станува збор за деца и додека не добиеме потврда не можеме да сме сигурни, велат родителите.

Директорот на училиштето, Муамер Доко, објаснува дека тоа што досега не започнала санацијата се должи на процедурите кои законски мора да поминат за да се изврши интервенцијата.

– Навреме е пријавена штетата, евидентирана е од екипите, но за секоја процедура е потребно време. Мора да се распише тендер, па да се чека да помине рокот за жалби. Сето тоа придонесе градежните работи да почнат дури идната недела, а ќе траат најмалку две недели. Целосно ги разбирам реакциите на родителите, но засега користењето на споредниот влез е единствено решение додека не се создадат услови да се користи и главниот влез, вели Доко.

Незадоволни што оштетувањето не се санирало пред почетокот на училишната година, и што стручните лица не се изјаснале за безбедноста на централниот објект, родителите најавија дека во понеделник нивните деца ќе ја бојкотираат наставата.

Т.К.