Тимот составен од околу 30 лица, меѓу кои 5 професори и 15 ученици од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, се задолжени за подготовка на рибината чорба, со која ќе се урива Гинисовиот рекорд на Денот на рибарите. 500кг лосос, 200кг ослиќ и 150кг калифорниска пастрмка, се само дел од намирниците со кои ќе се приготвуваат повеќе од 3 тони рибина чорба.

Според Блаже Јорданоски, професор по готварство и раководител на тимот за приготвување на чорбата, подготовките течат во најдобар ред.

Уште пред еден месец, утврдивме кои намирници ќе ни се потребни. Интензивните подготовки започнаа пред два дена, а приоритет за денес ни е варењето и чистењето на рибата. Се издвојуваат коските и кожата, бидејќи технички не е изводливо тоа се направи на плоштадот.“ – вели Јорданоски.

Покрај рибата, за приготвување на овој специјалитет потребни се различни намирници. „За утрешниот ден, предвидена е подготвка на зеленчукот. Количините се навистина големи и бараат ангажирање и одговорност. Ќе бидат искористени 140кг морков, 50кг целер, 20кг пашканат, 110 литри масло, 100кг брашно за запршката, 200 туфчина магдонос и 20кг вегета и сол.“ – истакнува Јорданоски.

Во недела, огнот ќе биде запален уште во раните утрински часови, на просторот кај старата градска библиотека. „Огнот ќе го запалеме порано, за да може водата да зоврие. На плоштадот ја приготвуваме чорбата, односно ги додаваме зеленчуците кои се претходно полуготови. Исто така ја додаваме рибата, а со брашното ќе се прави запршката.“ – додава Јорданоски.

Целокупниот процес на подготовка на рибината чорба, се снима од страна на лица делегирани од Гинис. Моменталниот рекорд е во сопственост на еден американски колеџ, кој во минатото успеал да приготви 3 020 килограми чорба.

OhridNews