Во рамки на проектот за превенција на министерството за здравство и образование, средношколците, основците и родителите во текот на второто полугодие ќе треба да следат интерактивни едукативни предавања за штетноста на алкохолот, пушењето и дрогата.
Со проектот најпрво ќе бидат опфатени средношколците во прва и втора година, а потоа и оние од трета и четврта, осмооделенците и родителите.
Проектот ќе почне во Скопје, по што ќе се реализира и во останатите градови низ земјава, а ќе го спроведуваат 46 здравствени работници.
За проектот, кој е изготвен според препораките на Светската здравствена организација, е направен акциски план кој предвидува интерактивните прадавања да се одржуваат на првиот и вториот час. Целта е да се намали бројот на оние што конзумираат алкохол и цигари и користат дрога.Родителите нема да бидат обврзани да присуствуваат на предавањата, но ќе им биде дадена можност да се запознаат со негативните последици од наведените пороци, со цел да можат благовремено да ги препознаат евентуалните симптоми од користењето на алкохол, цигари и дрога,кај нивните деца.
Изготвен ќе биде и едукативен материјал за опасносностите од пороците и за нивното влијание врз здравјето, а предавањата ќе бидат на македонски и на албански јазик.
OhridNews