Учениците од основното училиште „Братство Единство“ освоија високи награди на националната кампања која се спроведе во текот на изминатите неколку месеци во рамки на проектот „Промовирање на земјоделие со високи природни вредности и агро- еколошки плаќања“.

 Во категоријата есеј, за најдобар е избран текстот „Заштити ја природата – зачувај го традиционалното земјоделство“, од учениците Кирил Наумоски и Дарко Ристески од осмо одделение, под менторство на проф. биолог Милка Алачоска. 


Од околу 100 пристигнати цртежи кои ја отсликуваат темата „Заштити ја природата- зачувај го традиционалното земјоделство“, за најдобар е избран цртежот од Ангела Стеваноска, ученичка од петто одделение од ова школо, под менторство на проф. по ликовно образование Звонко Целески. Наградените добија фото-апарати, еколошки енциклопедии, маици, училиштен прибор, за поттик за понатамошно вклучување во еколошки активности.

Благодарница доби и училиштето, која ја прими директорот Муамер Доко. Тој истакна дека соработката со еколошките друштва ќе биде позасилена, а училиштетото ќе продолжи со стимулирање на нови заштитници на природата.


Проектот „Промовирање на земјоделие со високи природни вредности и агро-еколошки плаќања“, се спроведе од страна на Движењето на екологисти на Македонија (ДЕМ) и локалните членки, меѓу кои е и охридското здружение „Грашница“.

 Во рамки на кампањата беа организирани различни активности во повеќе градови, во кои ученици од средните и основните училишта ширум Македонија твореа на тема „Заштити ја природата – зачувај го традиционалното земјоделство“.

OhridNews