По повод 26 јануари – Светски ден на образованието за заштита на животната средина, Локалната агенција за развој oд Струга во рамки на проектот „Сино и зелено наспроти црно и сиво“ формираше едукативен центар Еко-инкубатор во Струга, кој наскоро ќе биде ставен во употреба.
Во Еко-инкубаторот ќе се изведуваат едукативни еколошки предавања за ученици од основни училишта од охридско-струшкиот регион и од Албанија. Ќе има и ресурсна библиотека со еколошка литература од областа на водите, шумите, заштитените подрачја и земјоделието. Освен како едукативен центар, Еко-инкубаторот ќе биде простор каде ќе се одржуваат дебати и средби помеѓу засегнатите чинители од областа на животната средина.
Проектот „Сино и зелено наспроти црно и сиво“, Локалната Агенција за развој (ЛДА) го реализира во соработка со партнерите EuroPartners Development и Eco Partners for Sustainable Development од Албанија. Проектот е дел од ИПА програмата Македонија – Албанија финансиран од Европската Унија. Главната цел на проектот е да помогне во ефективна и одговорна употреба на природните ресурси во прекуграничното подрачје на Охридското Езеро, подобрувајќи го одржливиот развој на регионот.
OhridNews