Група од 25 ученици од Општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“, под менторство на професорите Вера Јовческа и Даниела Спироска, во рамки на културната размена со училиште во градот Апелдорн, ја посетија Холандија. Со оваа посета се заокружи проектот за размена на ученици со училиштето КСГ од Апелдорн, чија група беше во посета на охридското училиште минатата година.

За време на посетата од 14-ти до 19-ти април, која беше од едукативно-забавен карактер, учениците имаа можност да посетат многу музеи, историски градби и значајни градови, како и подобро да се запознаат со животот во Холандија, преку престој во семејства. За време на посетата на холандскиот музеј на отворено, учениците видоа градби од различни временски периоди и се запознаа со професии кои биле актуелни во минатото.

Учениците имаа можност да го посетат мостот „Џон Фрост“, кој е познат по настан од Втората светска војна, за кој е снимен филм. Еден ден од посетата беше резервиран за посета на Амстердам, каде што беше организирана тура со брод низ познатите канали, како и тура низ градот и најважните знаменитости, меѓу кои и музејот Ријкс каде учениците имаа можност да ги видат делата на Ван Гог и Рембрант.

Учениците од Охрид ги посетија и градовите Бронкхорст, Цутфен и Девентер каде се запознаа со механизмот на мелница за брашно која работи во склоп на ветерница, како и со автентичната градска архитектура. Последниот ден беше организирано искачување по дрва во парк со посебни патеки, јажиња и други реквизити, како и посета на училиштето во Апелдорн.

OhridNews