Учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид вчера во Центарот за култура „Григор Прличев“ ја изведоа театарската претстава „Разгледница од Охрид“.
Оваа претстава била подготвена како резултат на циклусот креативни работилници кои се одржувале во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. Преку овој проект, училиштата имаат можност да ги промовираат вредностите за заемно почитување и соработка во образованието, без оглед на етничката припадност, јазик и религија. Целта е младите да се насочат кон вистинските вредности и интереси и да придонесат за градење на мултиетничка интегрирана Македонија.
-Преку соработката на наставниците и учениците од различна етничка припадност, преку создавање партнерства, стануваме побогати со нови искуства и пријателства и стануваме поуспешни во работата и постигнувањата. Како општина горди сме што во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието во нашата општина училиштето „Братство Единство“ е модел училиште. Ова училиште ќе ни послужи како позитивен пример како треба да ги негуваме и различните и заедничките вредности, рече заменик градоначалникот на Охрид Ангел Јанев, во своето обраќање пред учениците.
Директорката на ЦИУ „Мултимедиа“, Виолета Симјановска, на учениците и наставниците кои ја подготвуваа претставата им додели признанија – сертификати за успешната работа во реализацијата на проектот.
OhridNews