Штитениците од Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост ,,Зраци” денеска добија новогодишни пакетчиња од учениците од О.У,,Братство Единство” од Охрид. Покрај пакетчињата, учениците им подарија и рачно изработени новогодишни честитки и накит.
-Целта на посетата беше подигнување на свеста кај учениците за потребите на лицата со интелектуална попреченост, нивна недискриминација и подеднаков третман во општеството. Акцијата беше идеја на учениците од мултиетничката секција Бонтон , со која раководат наставничките Ивана Илиевска, Емел Махмуд, Кујтиме Доко и Марија Пупиноска-Гогова. Истата е дел од воннаставните активности кои се имплементираат во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, информираат од училиштето.
Акцијата беше поддржана и од дефектологот Наташа Илоска и училишниот психолог Стојна Танос, кои во заеднички работилници со ученици од училиштето и штитениците од центарот изработија новогодишни честитки. Средствата од продажбата на честитките, заедно со оние собрани од учениците беа искористени за купување тостер и миксер кои беа донирани во Дневниот центар ,,Зраци”.
Од центарот го поздравија хуманиот гест и изразија надеж дека и во иднина низ заеднички активности ќе се зголемува свеста кај сите за помош и другарување со лицата со интелектуална попреченост.
OhridNews