Со презентација наменета за вработените и учениците, денес, во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ беше заокружен образовниот проект на УНЕСКО „Светското наследство во рацете на младите“, во чија изработка учествуваа 17 ученици.


Проектот со кој се врши афирмација на локалитетот „Свети Наум“, започна да се реализира во месец октомври и се работеше во неколку фази. 

Учениците, под менторство на професорите Сузана Велјаноска, Јелис Караман Бешир, Маријан Радески и Костадинка Томаноска,  најпрво се стекнаа со теоретски познавања за локалитетот, по што следуваше негова посета каде вршеа истражувања и прибирање на податоци, врз основ на кои подоцна беа изработени збирка на инсекти, растенија, како и флаери и брошури со слики и текстови- лично изработени од страна на учениците.


Голем број од изработените фотографии и самиот видео клип е дело на ученичката Натали Башоска.


Со овој проект ја подигнавме свеста кај учениците за чување на културното и природното наследство, овозможивме тие да се стекнат со точни, конкретни и детални податоци за „Св. Наум“ со што се оспособија како туристички водичи  за самиот локалитет. При тоа, ги мотивиравме и останатите ученици во иднина да учествуваат во изработка на проекти, а се надевам дека го зголемивме и интересот за упис во нашето училиште, истакна професор Костадинка Томаноска.


Проектот во месец мај беше презентиран и во Скопје, а неговата реализација продолжува и во текот на идната учебна година.

Тања Кувенџиска