Учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ повторно меѓу најдобрите.

На 25- та јубилејна конференција на Европската асоцијација на хотелско- туристички училишта, која свечено беше отворена во Охрид,  учениците Антонио Китески, Натали Башовска, Дејан Мазенкоски и Бесарт Бекири , натпреварувајќи се во осум дисциплини, освоија четири медалји, една златна, две сребрени и една бронзена.


Своите одлични вештини тие ги потврдија во дисциплините од областа на  туризмот и угостителството, подготвувањето на коктели и  гастрономски специјалитети, како и во презентација на туристичка дестинација и барменство.

Наградите им беа доделени на пригодна свеченост која по повод завршувањето на конференцијата се одржа во хотел „ Александар Палас“ во Скопје.


Како што потенцира директорот на училиштето, Секула Баткоски, станува збор за голем успех и освоените медалји се поттик за понатамошна успешна работа, воедно и доказ дека средношколците од ова училиште со своето знаење можат рамноправно да им конкурираат на учениците од Европа.


На средбата на Асоцијацијата на туристичките училишта од Европа, учествуваа 600 претставници од 30 земји.

Конфернција на АЕХТ минатата година се одржа во Хаг, Холандија. Инаку АЕХТ е Европската асоцијација на хотелско-туристички училишта во која членуваат угостителски училишта, виши и високи школи за угостителство од  44 Европски земји. Асоцијацијата била  создадено во 1988 година на иницијатива на угостителските експерти Жан-Пол Бернар и Мартин Брудер.

Т. Кувенџиска