Учениците од прво до петто одделение во основните училишта  „Живко Чинго“  од село Велгошти и „Ванчо Николески“ од село Лескоец, деновиве имаа можност да се запознаат со работата на Единицата за противпожарна заштита од Охрид.

Охридските пожарникари го презентираа спроведувањето на своите работни активности и ги запознаа децата со начините на реагирање доколку се случи пожар во нивна близина. 

На средбата беше разговарано и за опасностите од предизвикување пожар, како и за тоа што треба, а што не треба да се прави во случај на негово избивање.

Децата беа  информирани за телефонскиот број кој треба да го повикаат во случај на пожар и беа опоменати да не го злоупотребуваат истиот.

Учениците имаа можност да ги погледнат сите алати и целата опрема што ја има во пожарникарското возило, а исто така поставуваа и прашања на кои пожарникарите им даваа одговори.

OhridNews