Во средното економско училиште, денес, се одржа Саем на Училишни компании, на кој беа прикажани резултатите од она што учениците го научиле во рамки на часовите по практична настава во текот на годината.


Во текот на учебната година, учениците од четвртта година изучуваат како да водат симулиран бизнис, да ги применуваат сопствените идеи, вршат  истражување на пазарот, а при тоа почитувајќи ги законските прописи. Сето тоа во координација со професорите- ментори.

 – Единствената разлика е што не се работи со вистински пари.Доколку започнатиот бизнис реализира загуба, учениците не губат реални пари, туку се стекнуваат со искуства и можат да увидат дали тој може да опстои онака како што тие го замислиле, објаснува Царе Цветаноска, професор по практична настава во Економското училиште.


Саемот на училишни компании е и место каде се промовираат компаниите, водењето деловна кореспонденција, како и донесувањето одлуки и разрешување проблеми, додава професор Весна Карамитре.- Преку оваа практична настава се отстранаа сите недостатоци кои се забележуваа во текот на практичната настава која претходно ја имаа учениците во компаниите, вели професор Карамитре.


Практичната настава за Училишни компании е дел од проектот кој започна со реализација во учебната 2007/ 2008 година, во сите економски училишта во Македонија, со помош на австриската Агенција за развој, а во соработка со министерството за образование и наука. 

Т. Кувенџиска