Учениците со посебни образовни потреби во ОУ Братство и единство добија нова просторија во која ќе можат да ги развиваат своите креативни способности. Училницата која целосно беше реновирана и опремена во рамки на заеднички проект на  Ротаракт клубот Охрид и општинската организација на Црвениот крст, попладнево и официјално беше пуштена во употреба .

– Би сакал да изразам голема благодарност до Црвен крст и Ротаракт клубот кои ја уредија училницата и се надевам дека што поскоро ќе се уреди и просторијата во објектот во Лескајца, наменета токму за потребите на учениците со посебни образовни потреби. Нашето училиште смогнува сили заедно со невладините организации да ги подобри условите за работа на учениците вклучени во воспитно- образовниот процес, истовремено реализирајќи ја предвидената програма за воспитно- образовна дејност во учебната година, истакна ВД директорот на училиштето, Муамер Доко.

Во ОУ „Братство и единство“ наставата ја следат околу 30 ученици со посебни образовни потреби. Со нив, во реновираната просторија ќе работи дефектологот во училиштето, Наташа Илоска.

– Просторијата ќе се користи за индивидуална работа со овие ученици, но ќе ја посетуваат и останатите основци, со цел тие што повеќе да се социјализираат и да ја развијат својата креативност, вели Илоска.

 
Од Ротаракт клубот и општинскиот Црвен крст потенцират дека и во иднина ќе продолжи реализацијата н апроекти со кои ќе им се помага на ранливите категории.

– Задоволство ми е што успешно заврши проектот кој резултира со една ваква просторија која ќе остане трајно да се користи за потребите на училиштето, истакна претседателот на Ротаракт клубот, Драган Здравески.

Претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков, потенцира дека овој проект е во рамки на проектот „Промоција на хумани вредности- Црвен крст во акција“, со кој е предвидено да се реализираат уште седум други проекти наменети за целни групи во Охрид и Дебрца.

– Докажавме дека потребна е и поширока соработка на невладините здруженија и организации при реализирањето на ваквите проекти. Со ова училиште имаме  одлична соработка и досега се реализирани повеќе активности за помош на социјално загрозените ученици и семејства. Во рамки на проектот ќе продолжат и креативните работилници, наменети за лицата со посебни образовни потреби кои ќе учат во оваа училница во насока на правење уметнички фотографии кои потоа ќе бидат поставени во оваа просторија, рече Точков.

OhridNews