Учесниците на петтата по ред Школа за млади лидери која се одржува во Охрид, денеска, поделени во три групи, ги посетија општините Охрид, Вевчани и Ресен.
Пред младите лидери беше претставена работата на општините, предизвиците со коишто овие три локални самоуправи се соочуваат во својата работа, предностите и недостатоците, но и потенцијалот со којшто располагаат.
По одржаните презентации, младите лидери, со своите ментори ќе предложат одржливи решенија за претставените проблеми, а предлог-проектите ќе им бидат доставени до градоначалниците на овие три општини.
„Целта на една ваква практична работа е сите наши потенцијални млади лидери, кои што се дел од петтата по ред Школа за млади лидери, да се стекнат со практични вештини, кои што подоцна, во својот професионален живот, ќе можат да ги применат. Ние знаеме дека населението во општините се соочува со секојдневни проблеми, меѓутоа тие секојдневни проблеми треба да ги решаваме. Затоа уште денес треба да ги подготвуваме младите лидери, да инвестираме во нив, за да утре, кога ќе дојдат на едни такви позиции во своите места на живеење, да можат полесно да се снаоѓаат.“ – изјави Гордица Каранфиловска, координатор на Школата за млади лидери.
Од општина Охрид велат дека оваа средба е значајна поради можноста за размена на искуства со младите, кои допрва ќе треба да го водат општеството.
„Се надевам дека заедничката размена на искуства ќе биде одлична можност и за нас и за нив да видат како во пракса функионира една локална самоуправа, со сите предности и недостатоци, проблеми и предизвици со коишто ние се соочуваме.“ – изјави Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
За дел од учесниците на Школата за млади лидери, ваквиот тип на посети на општините дава можност за стекнување на практично знаење, што ќе можат да го применат во својот професионален живот.
„Оној аспект што особено ми се допаѓа е што досега на школата имавме тренинзи од извонредни предавачи, меѓутоа овој дел што можеме практично да одиме и да видиме со кои работи се соочуваат луѓето на локално ниво за мене е од клучно значење. Ја поддржувам оваа активност и сакам да видам како и јас можам да имам бенефит, меѓутоа и да дадам на пошироката заедница.“ – изјави Олимпија Христова – Заевска, учесник на Школата за млади лидери
Инаку, на петтата по ред школа за млади лидери, што од 19 до 28 август се одржува во Охрид, учествуваат вкупно 40 учесници и 20 предавачи од Македонија, Европa, САД, Канада и Кина.
OhridNews