Учесниците на петтата по ред Школа за млади лидери, што под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Горге Иванов се одржува во Охрид, вчера вечер го посетија геријатриското одделение во охридската Општа болница, каде донираа храна и средства за лична хигиена за старите лица сместени во оваа институција.
Иницијатива за донацијата потекна од самите учесници на Школата, што се одржува од 19 до 28 август во Охрид.
– Целта на оваа акција е да покажеме колку малку е потребно во животот да се направи една добрина, за одредена категорија на луѓе во општеството да се почуствуваат сакани и среќни. Идејата потекна од визијата и желбата на претседателот Иванов, кој во изминатите денови на Школата за млади лидери постојано ни зборува како треба да правиме добрина, како треба да им помагаме на луѓето во заедницата, што е и основна цел на лидерите – да ги водат луѓето во заедницата, да им помагаат тогаш кога им е потребно“, изјави Новица Костојчиноски, учесник на школата, изразувајќи надеж дека со оваа иницијатива младите лидери покажале дека не се пасивни слушатели на Школата, туку и дека во иднина, по нејзиното завршување, ќе бидат активни чинители во општеството и ќе преземаат иницијативи за подобрување на животот на различните категории на граѓани.
Директорот на охридската општа болница, д-р Љубен Арнаудов, во име на вработените и пациентите изрази благодарност за донацијата од младите лидери.
– Би сакал да изразам голема благодарност до членовите на Школата за млади лидери, што најдоа време да го посетат геријатриското одделение во Општата болница – Охрид. Јас сум пријатно изненаден што овие млади луѓе дадоа иницијатива и не ги заборавија старите, кои лежат во нашата болница, кои се во трета доба и се во лоша здравствена состојба. Луѓето се желни за внимание. Младите лидери покажаа дека се подготвени да го дадат тоа внимание, со тоа што не ги заборавија и ги посетија, изјави д-р Арнаудов.
Во името на општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески членовите на школата ги поздрави заменик градоначалникот Ангел Јанев кој на младите им порача да ги посетуваат ваквите места, бидејќи тие се дел од секојдневното живеење.
– Како тие стануваат се повозрасни, нека инвестираат во вакви и слични објекти, бидејќи дел од тие ќе бидат објектите коишто и на нас кога ќе остариме ќе ни требаат, изјави Јанев.
Во моментов, во геријатриското одделение на охридската Општа болница се сместени вкупно 33 пациенти.
OhridNews