Електричните тротинети и електро мобилноста се нешто ново, нешто што е во тренд, нешто популарно и актуелно. Нивното присуство во сообраќајот носи многу придобивки, отвора многу алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж, гужвата и бучавата во сообраќајот, континуираниот недостаток на паркинг места, загаденоста, итн. но носи и закани за безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Електричните тротинети секојдневно стануваат составен дел од патниот сообраќај во градовите. Присуството на електричните тротинети во сообраќајот наметнува многу прашања за тоа: кој може да управува електричен тротинет, на која возраст, што треба да поседува електричниот тротинет, каква опрема треба да користи лицето кое управува електричен тротинет, каде треба да се движат електричните тротинети, со која брзина, кој и каква одговорност ќе сноси доколку се случи сообраќајна незгода од посериозен карактер, а во која учествувало лице кое управува електричен тротинет, кои и какви се придобивките, ризиците и можностите од зголеменото присуство на електричните тротинети во сообраќајот, и др.? Ова меѓу другото беше истакнато на тркалезна маса на тема: „Учество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?“, што ја организираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на која присуствуваа претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерството за образование и наука, Град Скопје, претставници на академската заедница, невладините организации и здруженија, и др.

Целта е да се даде одговор на сите отворени прашања поврзани со учеството на електричните тротинети во сообраќајот. Сите надлежни институции, експерти од областа на сообраќајот и сите заинтересирани странки, заеднички да ги анализираме состојбите, светските искуства, најдобрите практики во ЕУ и сите заеднички да понудиме решенија и одговори на сите предизвици и прашања кои се наметнуваат. – велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Заклучоците од денешната тркалезна маса понатаму ќе бидат преточени во законски решенија со кои прецизно ќе се регулуира учеството во сообраќајот со електричен тротинет – изјави Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска.

OhridNews