Подготовка за спроведување на успешни образовни уписи односно избор на средно образование согласно потребите на пазарот на трудот беше целта на настанот „Учи паметно работи стручно“ кој се одржа денес во Охрид.

Општина Охрид континуирано вложува напори и во рамки на своите ингеренции ги поддржува сите активности кои се насочени кон унапредување и подобрување на средното стручно образование и создавање на квалификуван и стручен кадар, рече во обраќањето пред присутните градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

„Учи паметно работи стручно“ се покажа како успешен модел за создавање на подобри услови за стручно образование и вработување на младите. Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ годинава се запиша петатта генерација од 42 ученика во паралелката за дуално образование. Бројот на запишани ученици од година во година расне, а тројца ученици од првата генерација веќе се вработени во Костал. Од седумнаесет ученици од првата завршена генерација десетмина добија меѓународен сертификат. Дуалното образование од годинава се спроведува и во средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“. Ни претстои уште многу работа за зацврстување на довербата помеѓу бизнис секторот и училиштата со цел младите да се стекнат со знаење, вештини и искуство кое ќе им овозможат полесно вклучување на пазарот на трудот, рече Пецаков, потенцирајќи дека преку ваквите средби ќе се донесат солидни заклучоци за унапредување на средното стручно образование и напредок на дуланото образование на територијата на Општина Охрид.

Пенка Здравкова, соработник за средно образование при Министерството за образование и наука рече дека од почетокот на спроведување на концептот до сега значително е зголемен бројот на дуални паралелки и вклучени фирми.

Ако кажам дека пред три години само единаесет паралелки со нешто помалку од сто ученици се започна концептот „Учи паметно работи стручно“ на територијата на целата држава сега имаме повеќе од 250 паралелки и вклучени се повеќе од 450 компании, односно склучени се меморандуми за соработка. Свесни сме дека треба да продолжи соработката, да се подобруваат условите од секој аспект дали на централно или локално ниво, да се работи на подигнување на свеста кај родителите, а оттука индирекно и кај учениците за интересот за стручното образование, во овој случај дуалното, додаде Здравкова.

Димитар Спасески од Сектор за образование во Општина Охрид истакна дека одржувањето на ваква работилница минатата година овозможи промоција на можностите кое ги нуди средното образование со посебен осврт на дуалното образование.

Се покажа како една успешна активност со која ги мотивиравме тогашните матуранти да аплицираат и да го продолжат своето образование во рамки на стручните училишта на територијата на Општина Охрид. Како Општина даваме силна поддршка на овој процес и останатите институции на државно ниво и паралелно со инвестициите кои ги правиме во рамки на средните училишта, ги подобруваме условите и на тој начин овозможуваме училиштата да се интересни за идните матуранти и тие да се запишуваат во рамки на стручното образование. Многу  сме задоволни од целокупниот процес и интересот за упис во рамки на стручните училишта минатата година, а дополнително во текот на учебната година самите училишта организираат информативни денови. Од година во година се зголемува и интересот кај фирмите, креирајќи и поголеми можности и програми како да ги прифатат учениците во рамки на нивните компании. Тука се компании кои од странски инвеститори се присутни во нашиот регион, но радува фактот што и охридските компании изразуваат интерес да бидат дел од овој проект, вели Спасески.

Директор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески вели главната идеја на дуалното образование е учениците каде што ја реализираат практичната настава таму и да бидат вработени.

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ како центар кој од 2018 година е вклучен во процесот на дуално образование, започна со 17 ученици, а во моментов брои 318 ученици кои се вклучени во дуалното образование во сите струки и профили. Првата генерација го заврши своето школување минатата година, положија стручен испит по германски деловник и дел од нив веќе се вработија во компаниите Костал, ЛТХ Леарница и ОДВ, што значи дека бараните резултати горе-долу се постигнати, но секогаш може и подобро и повеќе, рече Недески.

Директор на средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, Марјан Радески го потенцираше моментот на недостаток на работна сила во угостителско-туристичкиот сектор, истакнувајќи дека како училиште максимално се залагаат да придонесат во подобрување на конкурентноста и отворањето на нови работни места за што продуцираат и нови кадри.

Меѓутоа треба да се работи заедно и училиштата и работодавачите, да иницираме што повеќе средби, каде што би дошле до заеднички решенија за зголемување и промовирање на средното стручно образование во областа на угостителството и туризмот. Се надевам дека ќе успееме да извлечеме заклучок, да постигнеме подобар резултат во однос на уписната политика, да се запишат што повеќе ученици во туристичко-угостителскиот сектор што би придонело за подобрување во секторите угостителството и туризам. Голем број од учениците кои го завршуваат образованието во нашето училиште не продолжуваат да работат во областа на туризмот и угостителството, туку сосема некои други дејности, а голем дел и заминуваат во странство. Добро е познато дека во последниот период имаме голем одлив на работна сила во соседните држави и Европа. Постојано работиме на тоа да се зголеми борјот на ученици, да се промовира стручното обраозвание со цел да запишеме што повеќе ученици кои би излегле во пресрет на туристичко-угостителскиот сектор, додава Радески.

Сузана Наумоска, претставник од бизнис секторот, вели се соочуваат со недостаток на кадар во услужниот сектор.

Кога почна стручното образование пред 12-13 години во услужниот сектор извадени беа кадри и вработени, но за жал одливот на тие кадри е сега во странство. Моментално не можеме да го задржиме интересот кај учениците, не знаеме зошто. Не се само во прашање финасии, туку желбата за да учат и напредуваат во стручното образование. Ние бараме кадри, произведуваме, а немаме работници. Учениците учат колку да завршат. Бизнис заедницата честопати сме на таргет, но не е така. Ние бараме работници, платите се покачија, имаат повеќе бенефит, но ние ги губиме работниците во овој сектор. Низ дискусијата би сакала да се реши оваа дилема бидејќи имаме стварно голем проблем. Сакам дебата да придонесе младите да си го најдат своето место, а ние да најдеме работници, рече Наумоска.

На настанот присуствуваа претставници од Министерството за образование и наука, од сите средни училишта во градов, како и претавници од бизнис секторот.

Н.С.Ј.