Европската фудбалска асоцијација УЕФА ги казни солунски ПАОК и виенски Рапид со играње на неколку меча пред празни трибини, парични казни и забрана за учество во европските натпреварувања од една година по дивеењето на навивачите на двата клуба за време на мечот од квалификациите за Европската лига.


Грчкиот фудбалски клуб ПАОК од Солун е казнет со играње три натпревара на свој терен пред празен стадион и мора да плати 150 илјади евра казна, додека австрискиот претставник Рапид Виена ќе одигра еден меч без публика и ќе плати 75 илјади евра глоба.

Казната за играње пред празни трибини не се однесува на реванш натпреварот од квалификациите за Европската лига коишто двата клуба го играат во четврток во Виена. ПАОК, инаку на првиот меч на свој терен победи со 2:1.


Едногодишната казна за забрана на настап во европските натпреварувања е за период од три години и важи условно, меѓутоа доколку се случат слични инциденти казната стапува на сила веднаш.


Казната, така, значи и дека доколку ПАОК се пласира во Европската лига, трите натпревара на домашен терен во својата група ќе ги одигра на празен стадион.

“макфакс“
Ohridnews