Високи претставници од Европската куќа на фудбалот и англиската влада, денеска, ќе отворат преговори за преземање на финалниот натпревар во Лигата на Шампиони во кој силите ќе ги одмерат Челси и Манчестер Сити.

Град домаќин на финалето во ЛШ годинава е Истанбул, но епидемиолошката состојба и мерките и протоколите во Турција не дозволуваат гостински навивачи. Поголем проблем е што луѓето кои ќе отпатуваат во Турција на враќањето во своите земји ќе треба да бидат во карантин.

Од Англија за нов домаќин ќе конкурира „Вембли“, а Истанбул улогата на домаќин на финалниот натпревар во ЛШ ќе ја добие за следната 2022 година. Утре (вторник), УЕФА ќе ја донесе конечната одлука околу финалето, кое се игра на 29 мај.

„Вембли“ последен пат домаќин на финале во ЛШ беше 2013 година кога се сретнаа Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, а и две години претходно кога се судрија Барселона – Манчестер Јунајтед. За условите на „Вембли“ говори фактот дека најважниот меч на претстојното ЕП ќе се одигра на култниот стадион, кој е еден од најмодерните во Европа.

OhridNews