Во врска со информациите кои беа пласирани во дел од медиумите, а се однесуваат на истрага за наместени натпревари на домашни клубови, Фудбалската федерација на Македонија денеска ги сподели дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА. Станува збор за дописи кои се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство и контролни/пријателски натпревари, за кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници.

Се работи за натпреварите Башкими – Шкендија Тетово од 1 лига одигран на 6 декември 2025, кој заврши со резултат 1:3, потоа средбата од 1 лига помеѓу Струга Трим и Љум – Башкими од 30 ноември кој заврши со резултат 6:0, како и два натпревари на ГФК Охрид, едниот во рамки на Втората лига од 4 ноември 2025 со Тетекс кој заврши со победа на Охрид од 4:3, полувреме 1:2 и мечот од подготовките пред продолжување на првенството помеѓу Работнички Скопје и ГФК Охрид 8:2.

Напоменуваме дека во објавените документи одредени чувствителни информации се соодветно заштитени (покриени), исклучиво во интерес на истрагата и во согласност со насоките на надлежните органи. Објавувањето на тие делови во овој момент би можело да наштети на тековните постапки, соопшти ФФМ,

Фудбалската федерација на Македонија информира дека тесно соработува со одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции во рамки на своите надлежности, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи.

Истовремено, потенцираме дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува согласно добиените информации и во координација со институциите кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување, се наведува во соопштението.

OhridNews