Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија вчера во Скопје одржало состанок на кој се разгледувал текстот на Предлог-правилникот со тарифа на користење авторски музички дела, изработен од страна на Здружението за заштита на авторски музички дела – ЗАМП за кој веќе тече јавниот повик.

-Согласно Законот за авторското право и сродните права, по Предлог-правилникот, кој Собранието на ЗАМП го има одобрено на 28-ми октомври 2015 година, засегнатите субјекти имаат рок од 30 дена од денот на објавување на јавниот повик, да достават свои писмени мислења до ЗАМП. Во таа насока, членките на Здружението на угостителството и туризмот при Комората дискутираа за точките од Предлог-правилникот кои за нив се неприфатливи и бараат одредени корекции, информираа од Стопанската комора.

Оттаму објаснуваат дека веќе одреден период наназад, хотелиерите и угостителите бараат ревидирање на постојниот Правилник со тарифа на користење авторски музички дела, со цел намалување на давачките кон ЗАМП, со објаснување дека тие се преголемо финансиско оптоварување за правните субјекти, во услови кога нема целосен приказ за што ќе се користат средствата собрани на сметката во Здружението за заштита на авторски музички дела.

-Како заклучок од состанокот произлезе во следните денови да се допрецизираат забелешките и предлозите кои ќе бидат доставени до ЗАМП по Предлог-правилникот. Истовремено за забелешките на Здружението на угостителството и туризмот, ќе бидат информирани и Министерството за култура како надлежно за Законот за авторското и сродните права и Комисијата за култура при Вадата на РМ, како тело кое го контролира спроведувањето на Законот, велат од Стопанската комора.

Инаку Предлог-правилникот со тарифа на користење авторски музички дела, стапува на сила кога ќе биде изгласан од страна на Владата на Република Македонија.

OhridNews