Најмладиот државен Универзитет „Св. Апостол Павле“ и годинава предизвика голем интерес кај студентите од целиот свет. Во однос на минатата година бројот на апликации на странски студенти на Универзитетот за информатички науки и технологии е зголемен за 46%, а во раст е и бројот на различните земји од коишто тие доаѓаат. Ова е тренд кој бележи нагорна линија од година во година на оваа интернационална високо образовна институција.
– Оваа година за прв пат на УИНТ аплицираа студенти коишто доаѓаат од земји како Белизе, Коста Рика, Ел Салвадор, Мексико, Перу, Тринидад , Тобаго, Турција, Мароко, Хрватска, Србија, Лаос, Русија, и Тунис. Исто така апликации за упис поднесоа и нови студенти од земјите како Гана, Камерун, Египет, Нигерија, Танзанија, Моголија, Грузија, Шри Ланка, Молдавија, Виетнам, Етиопија, Таџикистан, Тајланд, Украина, Индија и Кина кои и досега беа застапени на Универзитетот, информираат од УИНТ „ Св. Апостол Павле“.
Странските студенти најголем интерес покажале за факултетите за компјутерски науки и инженерство и комуникациски мрежи и безбедност, како и за новите студиски програми за „е-Влада, е-Бизнис, е-Култура“ и дигитална бизнис информатика.
– Странските студенти ги препознаваат можностите кои ги нуди македонскиот систем за високо образование, конкретно на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, каде што се применуваат и комбинираат иновативни истражувачки и едукативни практики актуелни на светско ниво и се развиваат исклучителни академски и индивидуални вредности, велат од универзитетот.
Оттаму, додаваат дека интересот на интернационалните студенти, пред сè , се должи на насочените ИТ студиски програми на англиски јазик, академскиот кадар составен од реномирани професори од целиот свет, мултикултурната средина и разновидност и меѓународната валидност на дипломите на УИНТ.
OhridNews