Управата за јавни приходи денеска ги објави податоците од анализата и генерирањето на годишните даночни пријави.
Оваа година обврската за пријавување на даночен приход не ја оствариле 61.144 граѓани. Оваа бројка најмногу отпаѓа на граѓани кои оствариле приходи по основ на игри на среќа, обложувалници. Поради тоа од оваа година ќе почне да се изрекува законска глоба од 500 до 1.000 евра, пренесува „Макфакс“.
„Оценката на управата за јавни приходи е дека даночната свест во Република Македонија е на високо ниво. Веруваме дека после акцијата на казнување следните години кога ќе го даваме овој извештај ќе нема категорија на граѓани кои не пополниле годишна даночна пријава и дека истата ќе биде занемарливо мала“, истакна Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.
Трајковски ја оцени годинава што изминува како успешна. Посочи дека растот на БДП се рефлектираше соодветно и во наплатата на даноците.
Даночната свест во Македонија е на високо ниво и покажува нагорен раст. 174.181 граѓанин ја исполниле својата обврска и поднеле годишна даночна пријава, велат од управата.
Најбогатиот македонец во земјава за 2012 година во својата даночна пријава пријавил годишен даночен приход од 242 милиони денари годишен бруто приход.
„Иако до минатата година банкарскиот сектор и телекомуникациите предничеа во исплаќањето на највисоки плати оваа година има промена и истите веќе не се во десетте топ плати во земјава. Највисоката плата е во областа на здравствените услуги и годишната бруто плата изнесува 63.000.039. За прв пат во последните анализи на УЈП во првите топ десет плати се јавува и адвокатурата“, истакна Трајковски .
Највисоката добивка од капитални инвестиции(продажба на хартии од вредност, учество во капитал и од недвижен имот) е исплатена во Струмица и изнесува 49.975.204 денари. По основ на дивиденди и учество во добивка највисока добивка има остварено граѓанин од Скопје во вредност од 238.763.973 денари.
Постојана тенденција на раст покажуваат приходите по основ на имотни и авторски права. Во оваа категорија граѓанин на Тетово од имотни права остварил добивка од 46.934.200 денари додека пак граѓанин од Скопје по основ на авторски права остварил добивка од 33.260.178 денари.
По основ на добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри предничи жител од Свети Николе со добивка во износ од 16.943.757 денари.
Скопските пензионери најдобро заработуваат, велат од управата. Пензионер од Скопје , надвор од пензијата, има остварено приход од 35.701.718 денари.
OhridNews
извор:„Макфакс“