До 15 март годинава, граѓаните кои минатата година оствариле дополнителен приход, треба да поднесат Годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи. Од Управата апелираат даночните обврзници оваа законска обврска да ја исполнат навреме за да се избегнат метежите во последните денови.

Годинава се очекува до УЈП 200.000 граѓани да поднесат годишна даночна пријава. Досега се поднесени само 1.000 пријави,информираат од УЈП.

Граѓаните може да ги поднесат Годишните даночни пријави до дирекциите на УЈП, во отворените даночни шалтери, како и мобилните даночни шалтери кои имаат утврден ред каде и кога се наоѓаат. Покрај ова од УЈП очекуваат граѓаните повеќе да ја користат и можноста за електронско поднесување на пријавата која е овозможена од минатата година, а досега ја користат 3.130 обврзници. Обврска за поднесување Годишна даночна пријава имаат сите кои оствариле приходи освен плата, пензија, приходи од земјоделска дејност, самостојна дејност и слично. Граѓаните треба да ги пријават дополнителните приходи од повремено вршење услуги, кирии, авторски договори, дивиденди, камати, игри на среќа и наградни игри, продажба на хартии од вредност, од учество на капитал и недвижен имот и слично.

Годишната даночна пријава не е променета во однос на минатата година, односно и годинава се пријавуваат капиталните добивки, кои, според законски измени, ќе бидат изземени од годишните даночни пријави што ќе се поднесуваат во 2014 година, а ќе се однесуваат за приходи остварени во 2013 година. Исто така, поради одложувањето на оданочувањето на депозитите, и тие не треба да се пријавуваат во Годишната даночна пријава.

Од Управата, покрај до граѓаните, апелираат и до компаниите да ги достават годишните извештаи за исплатени приходи на граѓаните, за да можат физичките лица да ја остварат својата обврска и да поднесат Годишна даночна пријава и да ги пријават приходите. Рокот на компаниите за оваа обврска е до 15-ти овој месец.

За непријавување на приходите и неподнесување на Годишна даночна пријава законски утврдените санкции се од 500 до 1.000 евра глоба. 

OhridNews