Од АМСМ утрово информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози и со остатоци од снег на коловозите, по интервенција на екипите од Македонијапат. На планинските премини, повисоките и осојничави места поради ниски температури можна е појава на голомразица. Врнежи од слаб снег во раните утрински часови се бележат во Крива Паланка.

Од 08:30 часот укината е забраната за тешки товарни возила на планинскиот премин Плетвар.

Забрана за движење на тешки товарни возила има на крак Маврово- Дебар, како и на патниот правец Прилеп- Витолиште. На патниот правец Прилеп-Витолиште сообраќајот е дозволен само за лесни возила, со задолжителна употреба на зимска опрема. Поради врнежи од снег затворени се за сообраќај патиштата кон селата Герман, Гошинце и Алешевце.

Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани- М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија-Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.