Над 70 икони биле украдени од струшките цркви, во текот на изминативе три години. Иако украдените икони и предмети најчесто завршуваат на црните пазари во соседните земји и во Западна Европа, наделжните институции сеуште намаат преземено конкретни мерки за заштита на ова културно богаство. Првата поголема кражба на икони во струшкиот регион беше регистрирана во 2009 година, а од тогаш па наваму, крадците на црковните предмети земаат се поголем замав.
Во последната тешка кражба, која што се случи пред неколку дена црквата „Св.Никола“ во струшкото село Радожда, остана речиси без икони. Крадците успеале да украдат дури 17 икони. Но алармантен е фактот што за нецел месец ова беше е втора кражба на икони во овој православен храм. При претходниот грабеж кој се случи на 13 ноември, непознати сторители украдоа 12 икони и еден сребрен крст. Материјалната штета тогаш беше проценета на 1,8 милиони денари.
Тешка кражба на икони имаше и во февруари годинава, кога беше ограбен централниот струшкиот храм „Свети Ѓорѓија“, од каде беа однесени неколку вредни и уникатни црковни дела кои датираат од 13 до 19 век. Истиот месец беа огрбени црквите „Свети Никола и „ Света Богородица Пречиста“ во селата Селци и Буринец, во струшкиот крај Малесија, од каде беа однесени 10-тина икони.
При кражбите на црквите, кои се случија во текот на 2010 година, беа одземени над 30 вредни икони и бројни црковни предмети. Мета на крадците беа црквите „Св. Атанасиј Велики“ и „Свети Ѓорѓија“ во струшкото село Луково, од каде што беа однесени околу 20 икони, потоа „Св. Богородица“ во селото Модрич, од каде што беа украдени 10 икони.
За да се спречат кражбите на црквите во Дебарско-кичевската епархија, кои се наоѓаат во ненаселени или викенд места, лани во Охрид беше одржан и работен состанок на тема „Превенција на кражби и заштита на црковните споменици и културно-историски предмети“. Еден од главните заклучоци, кои го донесоа надлежните служби, беше дислоцирање на оригиналните икони во специјално опремени и добро заштитени депоа, а на нивно место да бидат поставени верни копии. И додека одговорните разработуваат стратегии, сакралните објекти останаа без седумдесетина вредни артефакти кои се дел од културно – историското наследство кое македонскиот народ го создавал со векови.











