Украинскиот скелетон-пилот Владислав Хераскевич нема да може да настапи на денешната трка во рамки на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026, откако одби да се придржува кон “насоките за изразување на спортистите” на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Одлуката ја донесе раководството на Интернационалната боб и скелетон федерација (IBSF), врз основа на тоа што кацигата со која Хераскевич имал намера да се натпреварува не била во согласност со правилата. По ова, ИОК одлучи да му ја повлече акредитацијата за настап на Игрите во Милано-Кортина 2026.
И покрај повеќекратните разговори и средби меѓу претставници на ИОК и Хераскевич, вклучително и утринска средба со претседателката на ИОК, Кирсти Ковентри, не бил постигнат компромис. Од ИОК информираат дека биле подготвени да му овозможат на украинскиот спортист да се натпреварува, но тој не прифатил ниту една од понудените алтернативи.
По средбата, Ковентри изјави дека сметала оти е важно лично да разговара со украинскиот спортист.
Сметав дека е навистина важно да дојдам и да разговарам со него лице в лице. Спортистите побараа од нас да ги задржиме одредени простори – теренот за натпреварување, подиумот и Олимпиското село – како безбедни зони. Како да ги зачуваме безбедни ако се користат за нешто со што не сите се согласуваат?, изјави таа.
Ковентри нагласи дека не станува збор за несогласување со пораката што Хераскевич сакал да ја испрати.
Никој – никој, а најмалку јас – не се противи на пораката. Таа е силна порака. Порака на сеќавање и почит. Не станува збор за пораката, туку за правилата и регулативите. Во овој случај теренот за натпреварување мора да остане безбедна средина за сите. И за жал, тоа значи дека не е дозволено никакво испраќање пораки, рече претседателката на МОК.
Таа додаде дека биле разгледани можности да се оддаде почит на пораката и на кацигата на Хераскевич пред неговиот настап, но не било постигнато решение.
Ги имаме овие правила за да бидеме фер и да овозможиме две работи: спортистите да можат да се изразат, но и да бидат безбедни. Во таа просторија не зборував како претседателка, туку како спортист. Навистина сакав да го видам како се натпреварува денес, истакна Ковентри.
На Хераскевич му било дозволено да ја прикаже кацигата за време на сите тренинзи, а од ИОК му понудиле можност да ја истакне и веднаш по натпреварот, во таканаречената „мешана зона“ за медиуми. Дополнително, според правилата, постои можност спортистите под одредени услови да носат црна лента на раката за време на натпреварите.
OhridNews
Фото: ИОК/X












