Претставници на шест туроператоти и девет медиуми од Украина од вчера престојуваат во Охрид. Целта на нивната посета е  претставување на македонската туристичка понуда на украинскиот пазар. За време на четиридневниот престој, покрај Охрид тие ќе ги посетат и Преспа, Битола , Прилеп, Струга, Вевчани, Маврово, тиквешкиот вински регион, како и манастирите Св. Јован, Трескавец и Св. Наум.


Според Валерија Бондаренко, претседател на здружението на новинарите на Уктаина,  Македонија има голем туристички потенцијал и може да биде  привлечна дестинација за украинците. „Прекрасната природа, преубавото Охридско Езеро, значајните свети места и православни храмови кои ги има Македонија, како и сродноста на двата народи верувам ќе биде мотив голем број Украинци да ја посетат Македонија“, изјави Бондаренко. Таа додеаде дека цените во Македонија се прифатливи за украинските граѓани, но потребно е како што напомена, да се воспостави директна авионска врска помеѓу двете земји.


Според Марисја Хоробец, поранешна мис туризам на Украина,  за пробивање на Македонија на украинскиот пазар потребни се поголеми промотивни активности, како и реклами во медиумите во Украина.


Претседателот на хотелската  асоцијација на Македонија – ХОТАМ, Дончо Танески  истакна дека се прават напори во 2009 година да биде воспоставена директна  чартер линија со Киев со што  земјата ќе се доближи до потенцијалните туристи од Украина. Според туристичките работници со добра  презентација може да се очекува наредната година Македонија да ја посетат околу 3000 гости од Украина.


Во рамки на посетата на украинската делегација на Македонија, во понеделник Охрид ќе се збратими со најпознатиот туристички центар во Украина, Јалта.

ohridnews