На покана од Домот на култура “Иван Мазов – Климе” и општина Кавадарци, утре, 20 Јуни, со почеток во 20 часот, во Кавадарци ќе биде отворена изложба на уметнички фототографии од охриѓаните Јасна Христовска и Стевчо Наумоски.

Циклусот фотографии од Јасна Христовска „Прашина на полицата“ претставува тенденција на авторката за комуникација со традицијата, со традиционалните елементи на оваа земја, народ, историја, особен вид на човеково постоење. Сето ова станува дел од системот на овие дела, изразено во различен вид и на различни нивоа во зависност од личното творечко разбирање. Но истовремено, преку ваквото насочување кон традицијата многу јасно е покажан и комплексниот однос кон времето во кое авторката живее и твори, може да се каже и стремеж да се најде одговор на некои од дилемите на современото битисување.

Циклусот фотографии под наслов “Пулсот на езерото“ на авторот Стевчо Наумоски, ги претставуваат промените во животните циклуси преку создавањето паралела помеѓу човекот/жената и езерото.

– Со претставувањето на пулсот на езерото, и движењето на ритмички распоредените бранови од површината на водата, авторот ги истражува поимите на минливост и постојаност, неизбежното менување и вечно циклично движење. Преку поврзувањето на езерската површина и човековата “површина“, направена е паралела на веројатно единственото нешто кое е вечно и постојано во природата – а тоа се промените. Овој став е близок на учењето на древниот Хераклит – чија парола “сé тече“ е блиска со размислувањата на Наумоски – и според кого, постојаните промени или течење се, всушност, најосновната карактеристика на природата, вели за фотографиите на Наумоски, историчарот на уметност Маја Чанкуловска- Михајловска.

OhridNews