Како што е предвидено, ќе се одржат осум работилници, чии целни групи се учениците од петто до осмо оделение од основните училишта во општините Охрид и Дебрца.
Целта на проектот, е да се примени концептот на социјална скулптура на германскиот уметник Џозеф Бојс, во правец на уметничка работа со младите и нивна психо-социјална едукација и сензибилизација во однос на прашањата поврзани со злоупотребата на дрогата, како девијантна општествена појава.
При тоа, ќе се користат и содржините и искуствата од досегашната реализација на проектот на СВР Охрид и проектот „Уметничката мрежа на социјалната скулптура„ на Културниот центар „ Медија-Артес„.
Планираните осум работилници, се координирани од актерката Јасмина Билаловиќ, а за уметничкото водство на процесот се задолжени визуелните уметниците Ели Аин и Стефчо Наумоски. Финалниот производ на работата на учениците во реализација на проектот, ќе биде колективно уметничко дело кое заедно со фото-документацијата на процесот ќе биде изложено на меѓународна изложба во Стокхолм-Шведска во Мај оваа година.
Работилниците, во кој ќе учествуваат 23 ученици, селектирани од ликовните педагози и психолозите, ќе се одржуваат во ликовниот кабинет во Основното училиште „ Христо Узунов„ секоја сабота од 11 часот.
Проектот започнува утре и ќе трае до 26-ти идниот месец.