Голем број колажи и уметнички слики беа изработени од основците од општините Охрид и Дебрца во рамки на осумте одржани работилници- дел од проектот Дрога- вистина и заблуди, кој СВР- Охрид го реализира во соработка со здруженијата на уметници  „Културен центар Медиа Артес“ и „АРТерија“.

Во проектот се вклучени ученици од петто до осмо одделение, избрани во соработка со ликовните педагози во училиштата, поаѓајки пред се од нивниот талент и заинтересираност да учествуваат во проектот.

– Целта е да им се понуди уметноста на најразличните целни групи, во конкретниов случај на деца на возраст од 10 до 14 години. При тоа, да се искористи уметноста како средство за креативен израз и како средство за развивање на индивидуалните и социјални вештини и себе израз, во насока на зајакнување на самата личност, а со тоа да се придонесе истата да е помалку подложна на одредени социјални девијантни појави, како што е и злоупотребата на дрога, објаснува координаторот на проектот, Јасмина Билаловиќ, претседател на Културен центар „Медиа Артес“.

При уметничката работа со младите и нивната психо-социјална едукација и сензибилизација во однос на прашањата поврзани со злоупотребата на дрогата како девијантна општествена појава, се применува концептот на социјална скулптура на германскиот уметник Џозеф Бојс.

– Сакавме преку концептот на креативна работилница да се вовдеде еден едукативен момент со кој се опфаќа проблематиката околу штетноста на дрогата. Уметникот не може да ги реши проблемите, но може да ги актуелизира, а во овој случај децата преку завршните дела ја пренесуваат својата порака, нагласува Ели Аиноска- Христова од „АРТерија“.

Од СВР- Охрид ги потенцираат  позитивните резултати од реализацијата на проектот кој започна во 2008 година.

– Посебно заначаен е успехот кај најмладата популација, кај младите на возраст од 15 до 18 години. Во 2008 кога почна проектот беа регистрирани 11 нарко зависници на оваа возраст, додека сега по четири години од реализацијата, само четири лица од наркозависниците се на оваа возраст. Намалување на бројката за седум лица  е значителен успех на проектот и поттик за полицијата да ја  продолжи и понатаму неговата реализација како превентивна мерка, нагласува Стефан Димоски од СВР- Охрид.

Финалниот продукт на работата на учениците во реализација на проектот, ќе биде колективно уметничко дело кое, заедно со фото-документацијата на процесот ке биде изложено на меѓународна изложба во Стокхолм-Шведска во мај оваа година.

OhridNews