Унијата на млади сили на ВМРО – Народна партија им го честита Меѓународниот ден на младите, како што велат од партијата, на оној мал дел млади кои останаа во Република Македонија, но и на оние кои се насекаде низ светот во потрага по подобро утре.
-Положбата на младите во Република Македонија е многу тешка. Невработеноста е еден од главните проблеми со кои се соочуваат. Фактот дека скоро педесет проценти од младите се невработени е застрашувачки. Неможејќи да ја препознаат својата иднина овде, најголем дел од нив масовно ја напуштаат државата со желба за подобар живот и подобри услови во некои други држави, што подалеку од својата татковина. Исто така, образовниот систем тотално уништи генерации млади кои од високообразовните институции излегуваат сосема неспремни да се соочат со пазарот на трудот, а да не зборуваме за рамноправната борба со младите од целиот свет, велат од ВМРО- НП.
Од УМС на ВМРО- НП одговорноста ја гледаат кај Владата и системот, за кој како што нагласуваат, воопшто не води сметка за младите, но и кај самите млади.
-За жал, пасивноста е нивната главната одлика. Затоа сакаме да упатиме еден повик до сите млади да се разбудат од овој сон, активно да се вклучат во општеството, да ја анимираат својата свест и сами да се изборат за својата положба. Да не дозволат само да бидат искористувани во политички цели туку да бидат рамноправни учесници во донесувањето одлуки. Не смееме да стоиме од страна и да гледаме како се уништиваат илјадници животни патишта, потенцираат од ВМРО- НП.
Како што нагаласуваат од ВМРО- НП, младите се главниот носечки столб на секое општество.
-Нека овој ден биде поттик за натпревар на идните генерации со она што зад себе го оставиле нивните претходници. Тоа е единствениот начин за зацврстување на македонската држава и општество, додаваат од ВМРО- НП.
OhridNews