Театарската претставата „Уна“ работена по текст на истоимениот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица, режија на Дејан Пројковски и во продукција на театарот „Звездара“ од Белград, вчеравечер беше вистински празник на драмскиот репертоар на 66. „Охридско лето“.

„Уна“ е претстава за човечките односи, за влијанието на минатото врз сегашноста и за тоа како едно единствено сеќавање може да го обликува целиот човечки живот.
Според романот „Уна“ на Капор е направен филм во осумдесеттите години на минатиот век, но никогаш досега не е работена театарска претстава, што за големиот македонски режисер Дејан Пројковски, како што вели самиот тој, било голем предизвик.
Претставата зборува за борба на човекот и подготвеноста да ја плати цената за да се избори за личната слобода и од друга страна, љубовта како една голема и вечна тема, љубовта која што живее во овие општествени и морални рамки, но всушност во тие рамки го бара својот бескрај и своето небо, љубовта којашто за двајцата, за Мишел и за Уна, е како едно патување низ нивните души. Всушност, тие се обидуваат космосот или сопствениот бескрај да го пронајдат некаде длабоко во себе. Претставата на крајот завршува со познатите стихови од романот што останува после љубовта. Тоа е се темите, борбата на индивидуалецот и љубовта помеѓу две човечки суштества кои не одговараат по сижеата на сите светски љубовни приказни, вели режисерот Пројковски кој со години бележи успеси како на домашната, така и на меѓународната театарска сцена.
Целата претстава се одвиваше во една трагикомична линија како што всушност е и човечкиот живот. Никола Ристановски, кој го играше главниот лик – универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“, уште еднаш потврди дека е суверен на сцената, играјќи со длабока, сугестивна и прецизна сценска игра. Во актерската екипа беа и Магдалена Мијатовиќ во улога на студентката Уна, Сена Ќоровиќ како Олга,-сопругата на професорот Бабиќ и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ.

„Звездара“ е еден од најреномираните и најкултни театари од поранешните ју-простори, основан во 1984 година, чиј основач, но и директор од 1998 година до денес е големиот драмски писател Душан Ковачевиќ.
OhridNews











