Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција испратила писмо во кое бара да бидат покриени етикетите, вклучувајќи ги и оние на англиски јазик, кои се однесуваат на Гоце Делчев и Знамето на Крушевската Република, презентирани на изложба во Белград.
 
Се работи за патувачката изложба „Имагинарен Балкан, идентитетот и сеќавањата во 19-тиот век”, организирана од оваа организација во Белград, пренесуваат бугарскит емедиуми.

Поради овој, како што наведуваат бугарските медиуми „гаф”, претставниците од бугарскиот национален историски музеј ја напуштиле изложбата во Белград, а министерот за култура Петар Стојанович изјавил дека изложбата нема да биде дозволена во Бугарија.

Реакцијата на УНЕСКО, кој е организатор на изложбата, доаѓа ден по острата реакција од бугарската страна, изразена преку бугарскиот министер за култура Стојанович и директорот на националниот историски музеј, Божидар Димитров.

– Задоволни сме што се постигна разумно решение по обидот за фалсификување на бугарската историја. Мило ми е што навремено се реагираше, и министерството за култура заедно со националниот музеј на историјата го заштити националниот интерес. Сакам да истакнам дека бугарската влада ќе продолжи да го бара патот на дијалогот и разбирањето, без да стане жртва на компромис со нашата национална историја”, изјавил бугарскиот министер Петар Стојанович.
 
Според Димитров пак, познат по постојаните провокации упатени кон Македонија, оваа наредба на регионалната канцеларија на УНЕСКО претставува успех на бугарското министерство за култура, кое одлучно се изјаснило против двата фалсификати на бугарската историја.

OhridNews

извор: Makfaks