Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност и го прифати поднесениот амандман од Турција со кој на Македонија и Албанија им се дава дополнителен рок најдоцна до 1 февруари 2031 година да достават нов, ажуриран извештај за состојбата и заштита на универзалните вредности на Охридскиот регион и реализацијата на преземените мерки. Одлуката беше донесена на денешната седница на 48. сесија што се одржува во Бусан, Јужна Кореја.

Ги земаме предвид сериозните закани што се надвиснуваат над ова добро и потребата од итна акција. Амандманите што ги поднесуваме немаат за цел да ги покријат овие прашања. Се работи за проценка на преостанатите предизвици, како и на конкретните институционални мерки што ги презедоа двете држави членки. Целта на нашиот амандман е да им се понуди на државите членки продолжување од 3 години за спроведување на корективните мерки од стратешкиот план изработен од државите членки по одлуките на Комитетот, кои вклучуваат мерки, институционални одговорности, индикатори и очекувани резултати за справување со главните фактори што влијаат врз доброто. Спроведувањето на корективните мерки можеби беше бавно, но е значајно. Не се работи за одложување на итните мерки, беше посочено од претставникот на Турција.
Северна Македонија, додаде, писмено ја претстави својата посветеност заедно со градоначалниците на општините што се наоѓаат во опфатот на доброто, а исто така формираше и тело за координација на акциите за справување со бесправните градби, за заштита на историското наследство и спроведувањето на проценките за животна средина. Додаде дека и Албанија, исто така, спроведе корективни мерки, зајакнувајќи ја правната заштита и управувањето со заштитната зона.
Но, бидејќи зборуваме за прекугранично добро, потребна е единствена рамка за корективните мерки. Затоа, од државите членки се бара да ги применат во пракса различните корективни мерки во рамките на една единствена рамка за спроведување и тие да му бидат претставени на Комитетот подоцна, заедно со корективна мисија. Предлагаме ова добро да не се запишува на Листата во опасност, додаде претставникот од Турција.
Дел од членките посочија дека запишувањето на доброто на Листата во опасност во некои случаи би можело да биде контрапродуктивно, бидејќи можеби ќе го одвлече вниманието од приоритетите и спроведувањето на договорените препораки за заштита на вредното природно и културно наследство.
Македонската делегација на седницата ја предводеше вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, проф. д-р Игор Николов, кој во своето обраќања ја реафирмираше посветеност на државата за спроведување на препораките на Комитетот и за долгорочна заштита на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион.
Ние ја прифаќаме нашата целосна одговорност, препознавајќи ја оваа одлука како признание за веќе преземените напори, но исто така и како поттик за продолжување со реформите и потребните мерки за да се гарантира долгорочна конзервација на ова добро. Северна Македонија ја повторува својата целосна посветеност за спроведување на препораките на Комитетот, на Центарот за светско наследство и на советодавните тела. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со Република Албанија за да обезбедиме ефективно прекугранично управување со ова исклучително наследство. Целосно сме убедени дека дијалогот, меѓународната соработка и посветеноста на сите засегнати страни ги претставуваат најдобрите алатки за да се загарантира зачувувањето на ова исклучително добро, во корист како на сегашните, така и на идните генерации, рече во обраќањето Николов.
Инаку, во Нацрт-одлуката на Комитетот се предлагаше „Природното и културното наследство на Охридскиот регион да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“ затоа што напредокот е недоволен и заканите се сериозни, главните ризици не се отстранети.
Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) ја нагласи ранливоста на езерскиот екосистем, доцнењата во спроведувањето на системите за третман и одведување на отпадните води, како и во управувањето со отпадот и поврзаната инфраструктура. Беше посочено дека урбанизацијата, туристичките активности и инфраструктурните проекти сè уште претставуваат голем притисок врз еколошките процеси и критичните живеалишта. Стратешката проценка на животната средина, побарана од Комитетот уште во 2016 година, сè уште треба да се подготви. Не постои сеопфатна проценка на кумулативните влијанија, што ја ограничува ефикасноста на мерките за управување и планирање. Потенцирани беа и позитивни мерки и напори за заштита на Студенчишкото Блато, Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, како и подобрувања во однос на управувањето со рибарството, лимнолошкиот мониторинг, спроведувањето на проектот за пренасочување на реката Сатеска и други обврски за справување со бесправните градби. Сепак, беше потенцирано дека правната заштита и понатаму е недоволна. Неколку иницијативи се во рана фаза и не доведоа до мерливи подобрувања во состојбата на конзервација на доброто. Центарот и советодавните тела сметаа дека овие прашања, кои претходно доведоа до препораки за запишување на ова добро на Листата во опасност, сè уште се нерешени, а доброто и понатаму се соочува со постојан притисок што ги засега како културните, така и природните атрибути, барајќи поцврста прекугранична координација со забрзани корективни мерки.
Н.С.Ј.













