Мисијата на УНЕСКО, деновиве ги проверува сите капацитети и целокупната документација, кои се потребни за албанскиот дел од Охридското Езеро да добие номинација за УНЕСКО статус.
Покрај контролите за состојбата на терен, претставниците на УНЕСКО одржале и работен состанок во Поградец, на кој своја презентација имал и Дејан Пановски, член на Националната Комисија на УНЕСКО на Република Македонија, при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Тој информираше дека во рамки на презентацијата, се осврнал на најновите законски решенија за заштита во Република Македонија како што се Законот за природното и културно наследство на Охридскиот регион од 2010 година, Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион како и Законот за заштита на старото градско јадро односно Законот за Охрид.
-Стигнавме до исполнување на уште една од целите на кои долго работиме. Албанската страна конечно ја доставува номинацијата за ставање на Охридското Езеро под заштита на УНЕСКО. Тоа ќе биде можност воедно да се подигне и нивото на заштита и на македонска страна што заеднички ќе ни даде надеж дека ќе можеме да се заштитиме од пренагласената урбанизација на крајбрежјето, вели Пановски.
Тој потенцира дека заштитата ќе придонесе за сочувување на рибниот фонд во езерото, квалитетот и нивото на езерската вода, но ќе обезбеди и подобра идинина за природните и културните вредности на регионот, кои се важни за туристичкиот развој.