По неколкугодишни заеднички напори, конечно ќе отпочне процедурата за ставање на албанската страна од езерото на листата на УНЕСКО, информираат од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
– Во првата недела на април ќе дојде комисија на УНЕСКО која ќе изврши обука на наши експерти во насока на исполнување на критериумите и подготовка на документите за апликација која оптимистички се надеваме дека ќе биде готова до крајот на оваа календарска година, со цел и албанската страна на Охридското Езеро да добие заштита како што тоа е случај со македонскиот дел од ова природно богатство. Важно е тоа што УНЕСКО предлага да се прошири опсегот на заштитата не само на Охрид, туку на целиот регион кој го опфаќа сливот на Охридското Езеро, со што и Албанија ќе може да гарантира максимална заштита на ова вредно наследство, изјави за OhridNews Аријан Мероли од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро – Албанија.
Со прогласувањето на албанската страна за светско природно наследство, конечно се создаваат услови за усогласување на националните легистлативи за заштита на Охридското Езеро, што отвара можност за заедничко делување и решавање на еколошките проблеми кои го загрозуваат 4 милиони години старото природно богатство.
-Никогаш нема да бидеме ослободени од еколошки инциденти кои и натаму ќе се случуват меѓутоа мораме да реагираме институционално за спречување на тие инциденти со спроведување големи казни за прекршителите затоа што друго решение нема, истакна Дејан Пановски- македонски претставник во Билатерален секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Во насока на подобрување на заштитата на Охридското Езеро, Билатералниот секретаријат, експерти, претставници на надлежни институции, јавни претпријатија и екологисти, деновиве покренаа иницијатива за законска заштита на загрозените зони на крајбрежјето, и рибниот фонд, како и ревитализација на колекторскиот систем и одржливо туристичко искористување на Охридското Езеро. Иницијативата ќе биде доставени до надлежните институции од кои се очекува да преземат итни мерки за спречување на натамошно уништување на бидоверзитетот на Охридското Езеро.