Унгарската влада систематски злоставува мигранти преку тепање, користење на солзавец, пуштање кучиња и конфискација на нивната облека, наведува организацијата „Доктори без граници“. Унгарската влада пак целосно ги отфрлила овие тврдења, а ваквите вести го загрижиле и еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос кој ќе отпатува во Будимпешта на „сериозни разговори“ со унгарските власти поради плановите на владата сите баратели на азил кои влегуваат во Унгарија, како и оние што се наоѓаат во земјата, да ги притвори и смести во кампови за време на постапката на разгледување на нивната молба.

Загриженост изразил и високиот претставник за човекови права Нилс Мужниекс, кој порачал дека е „длабоко загрижен“ поради новиот закон во Унгарија со кој на властите им се дозволува да притвораат азиланти во затворените кампови на границата, вклучувајќи и семејства со деца, како и малолетници.  Унгарскиот парламент во вторникот го одобри автоматскиот притвор на сите баратели на азил во овие кампови. Законот кој беше изгласан од страна на мнозинството унгарски пратеници беше донесен како одговор на неодамнешните терористички напади во Европа кои беа изведени од имигранти, објаснил унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Сите баратели на азил кои влегуваат во Унгарија, како и оние кои моментално се наоѓаат во земјата ќе бидат притворени и преместени во кампови, каде ќе бидат спречени да се движат низ земјата додека трае постапката за разгледување на нивните молби.

OhridNews
извор Макфакс