Во спомен на Петер Стенекер (1951-2019)

Месец на премини и промени

А. ден Долард почина на 26 јуни 1994 година во холандското туристичко село Хундерло, каде што ги мина последните 40 години од животот. Го погребаа три дена подоцна, а неговото вечно престојувалиште го обележаа само со еден природно обликуван речен камен.

Таа надгробна едноставност би можеле да ја прифатиме како знак за равенство со скромноста на неговото живеење, но и како противтежа на нескротливата алчна природа на неговиот порив за достигнување на идеалот на слободата. Тој подеднакво ги милуваше личната и колективната слобода, како две тесно поврзани и меѓусебно зависни вредности, исто како што спознавањето го примаше како нераскинлив дел од процесот на ослободувањето. Може ли човек да го оствари идеалот на слободата, без да се ослободи од мракот на незнаењето, предрасудите, заблудите, стравовите…!? Во таа насока треба да се гледаат неговото напуштање на Холандија во 1928 година и оддавањето на скитничкиот живот, како своевидно „бегство од грдите бетонски згради на Западот“ и обид за посеопфатно откривање на невидливата страна на хоризонтот.

Започнувајќи го подемот на книжевната сцена во 1931 година со романот „Берачите на грозје“ (De druivenplukkers), на што подоцна се надоврзаа десетина други успешни романи, и покрај физичкото отсуство, А. ден Долард останува меѓу најпознатите холандски писатели на сите времиња. Тој беше уште спортист, сметководител, наемен работник, новинар, фотограф, скитник и голем вљубеник во Македонија. Посветеноста кон Македонија ја потврди преку книжевното творештво со кое долго и нашироко ја промовираше својата „втора татковина“. Притоа, свесен за сите поделби и насилни преименувања, тој секогаш ја нарекуваше со нејзиното историски потврдено име: Македонија!

Во јуни 1931 година доаѓа за прв пат на Балканот, прво во Белград, а малку подоцна се спушта на југ. По првата средба со Охридско Езеро, А. ден Долард уште многу пати им се навраќал на синилото што се бранува помеѓу високите планински венци и градот што бил „една прекрасна мешавина од обичаи и векови“. Дрвените чунови коишто тивко ја сечеле езерската шир, црквите коишто врз своите испрашени и со пајажина покриени ѕидови ги криеле средновековните фрески, какви што светот уште не познавал, опуштениот живот на месното население и изобилството од древни обичаи му го дале поттикот за пишување на неговото легендарно дело за Охрид.

Романот „Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners) бил објавен пред 80 години, истата таа 1939 година доживеал неколку препечатувања, а интересот кон него воопшто не спласнува. Во бројот од 6 јуни 2019 година, холандскиот неделник за жени „Либеле“ (Libelle) објави напис на осум страници со наслов „Магична Македонија“ (Magisch Macedonië) преку кој читателската јавност се повикува да ja посети Македонија, каде сосема очекувано нагласокот му се дава на регионот на Охридско Езеро. Се чини, уште долго време ниту еден холандски автор нема да може да пишува за убавините на Македонија, без притоа да ги спомне А. ден Долард и неговата книга за Охрид. Така и овде, новинарката Карин Каујперс својот напис го започнува со потсетувањето на „првиот холандски промотор на Македонија“ и „Свадбата на седумте Цигани“.

Бездруго, најголемата причина за продолжената популарност на А. ден Долард и неговиот роман за Охрид треба да се бара во засилените активности во областа на туризмот. Како што самиот А. ден Долард има запишано, „луѓето доаѓаат и заминуваат, но нивните мисли продолжуваат да струјат околу земјината топка како невидлив ветер“. Соодветно, неговите мисли искажани во романот за Охрид продолжуваат да ги брануваат духовите на неговите читатели, па поттикнуваат многу нови патувања на помладите поколенија Холанѓани кон високите македонски планини, каде што се синеат Охридско Езеро и Преспанско Езеро. Истите оние езера кои во раната младост на А. ден Долард зјапале во него од атласот на татко му, исто привлечно и заводливо како очите на неговата прва училишна љубов чии очи потсетувале на цветот на незаборавчето.

Од другата страна, Македонија и посебно Охрид, високо ја оценија љубовта на А. ден Долард и го почестија со разновидно внимание: прво споменик во Холандскиот парк во Охрид, а потоа следуваа книги, предавања, изложби… На 19 јуни 2011 година во културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид беше отворена изложбата „110 години од раѓањето на А. ден Долард“. Таа остана и доби форма на трајна музејска поставка; тука се изложени оригинални изданија на неговите книги.

Моќта на книгата

За време на нивниот годишен одмор во Охрид во последната недела од јуни 2018 година, Мари-Јозе и Петер Стенекер ја посетија музејската поставка за А. ден Долард и се запознаа со другите активности на „Култура 365“. Побудени од ентузијазмот со кој беше основана и водена изложбата, сопружниците Стенекер ја изразија желбата и тие да го дадат својот придонес. Ветија дека по враќањето во Холандија ќе соберат книги од А. ден Долард за истите да ги донесат како подарок во Охрид, при нивната следна посета.

Втората половина од 2018 година за Мари-Јозе и Петер беше исполнета со најголемата можна посветеност кон доброволно преземената задача. Собраа триесетина книги од А. ден Долард, а голема им беше уште желбата со себе да ги поведат своите деца и внуци, за да можат и тие да ги видат убавините на Охрид и Република Македонија. Направени беа потребните подготовки и сите со радосно нетрпение го очекуваа новото лето, коешто требаше да им донесе многу нови радости.

За жал, 2019 година тргна многу лошо за семејството Стенекер. Во почетокот на годината врз Петер беше изведен мал хируршки зафат и поради неочекувани здравствени компликации тој наскоро почина. Во последните денови од животот, тој на најблиските членови на своето семејство им го остави заветот, дури и без него, тие сепак да ја посетат Македонија и да им се насладуваат на убавините на Охридско Езеро.

Планот беше спроведен во дело. Семејството Стенекер последната недела од јуни 2019 година ја мина во Охрид, токму онака како што беше планирано уште додека Петер беше жив. Мари-Јозе, со себе ги поведе ќерките Криста и Хелен. Со нив дојдoa Стефан, сопругот на Хелен, и нивните ќеркички, Ана-Флор и Ева-Софија. Ги придружуваа уште нивните роднини Хенк и Риа де Винтер.

Во приквечерината на 28 јуни 2019 година по охридската улица „Цар Самоил“ зачекори група од осум Холанѓани: мажи, жени и деца. Чекореа со самоувереност, знаејќи каде треба да одат. Набрзо го пречекорија прагот на „Култура 365“. Со голема тага поради отсуството на Петер, но истовремено радосни што сепак ќе можат да го остварат неговиот завет, гостите од Холандија на подот спуштија два куфери полни со книги.

За неупатениот набљудувач од страна, тоа би биле само книги со непозната содржина. А книгите не се само букви истурени врз хартија и само посветен читател ја разбира силата на пишаниот збор. Само човек кој ја разбира моќта на книгата во премостувањето на географските далечини и културните разлики помеѓу народите може да ја разбере улогата на А. ден Долард во поврзувањето на Холанѓаните и Македонците. Таквиот човек многу лесно ќе разбере како може љубовта да се пренесе преку книгата.

Македонија како име и форма на опседнатост

А. ден Долард за прв пат во Македонија дошол во времето на стравот и насилството: децата во училиштата од своите српски учители добивале шлаканици, кога ќе го изговореле зборот „Македонија“; плашејќи се од нападите на ВМРО, српските колонисти нивите ги обработувале носејќи пушка врз грбот, а домородното македонско население се плашело од честите, насилни и ненајавени полициски претреси… Тоа било време на неиздржлива сиромаштија! Мнозинството луѓе во Македонија биле неписмени и валкани, живееле во трошни и валкани живеалишта. Како што би рекол А. ден Долард, „мнозинството луѓе немаа видено сапун и не знаеја што е бел чаршав!“ Гладот и болестите биле дел од секојдневието, а маларијата не го заобиколила ни гостинот од Холандија. А. ден Долард сепак бил „лудо опседнат со оваа земја со нејзиното нездраво сонце, диво минато и немирна сегашност“. Од каде толкава опседнатост со Македонија!?

Преку географскиот атлас и други книги, тој ги добива првичните бледи сознанија за земјата која долго време му била подеднакво привлечна и недостижна. Својата рана поврзаност со Македонија тој ја објаснува со: „Вљубувањата од раниот пубертет се често најжестоките и најнезаборавните. А јас во Македонија бев вљубен од мојата четиринаесетта година.“ Во секој случај, вистинското запознавање со земјата и нејзините луѓе следело при неговата прва посета.

Македонците му ја понудиле највозвишената форма на гостопримство. Селанец од Скопско уште при првата случајна средба го поканил на свадбата на својот син. А. ден Долард бил изненаден и воодушевен од ваквата постапка. Како што подоцна има запишано, во Холандија на свадбата можеш да присуствуваш само ако си член на семејството. А Македонецот му дал можност да се почувствува како дел од македонското семејство.

Македонија сосема искрено пред него ги открила сите свои рани и копнежи. По убиството на четворица комити, испратени од ВМРО да вршат напади на југословенската територија, властите го повикале да ги фотографира убиените. Селанец од Струмичко, кој учествувал во пренесувањето на мртвите комити, цела ноќ му раскажувал за сопственото учество во Илинденското востание, исто како и за подоцнежни делби и меѓусебни пресметки во организацијата… Така холандскиот писател ги почувствувал македонскиот копнеж по слободата и фанатичната готовност да се умре за идеалот на слободата чиј голем приврзаник бил самиот тој. Разликата овде е во тоа што борбата за слобода во Македонија одела од една до друга крајност, изразена во лозунгот „слобода или смрт“! Македонците во повеќе наврати докажале дека се подготвени цврсто да је прегрнат смртта како некаков возвишен чин на ослободувањето од сите физички и душевни страдања што ги носи животот, посебно кога патиштата кон слободата се целосно пресечени. Зашто, додека за Холанѓанецот (А. ден Долард) борбата за идеалот на слободата се врзува повеќе со бегството од крутоста на општествените односи и потребата од философско осмислување на животот, за Македонецот борбата за слобода е многу повеќе борба за гол опстанок. Затоа во речникот на македонските револуционери зборот „слобода“ е другото име за животот. Во таа смисла треба да се разбира и другиот лозунг на македонските борци за слобода: „Македонија на Македонците“! Тој не е повик за шовинистички изолационизам туку многу повеќе желба: Македонците да го добијат правото сами да решаваат за судбината на својата татковина, како единствена гаранција за некакво достоинствено преживување.

Конечно, Македонија одиграла клучна улога во издигнувањето на А. ден Долард како писател, откако Македонците му дале материјал за неколку книги, меѓу кои посебно се истакнуваат романите „Ориент Експрес“ (1934) и „Свадбата на седумте Цигани“ (1939). Преку овие книги тој се вивнал високо меѓу најчитаните холандски писатели, и пак преку истите книги, тој ја доближил Македонија до холандскиот читател. Откривајќи ги веселата страна („Свадбата на седумте Цигани“) и трагичната судбина на вечното македонско талкање на патот кон слободата („Ориент Експрес“), А. ден Долард на Холанѓаните им ја пренел својата силна емоционална поврзаност со Македонија. А опседнатоста може да биде заразна!

Епитаф

Во Хундерло се наоѓа надгробен споменик од еден голем природно обликуван речен камен. Таму се запишани името, датумот на раѓањето и датумот на смртта на писателот А. ден Долард. Под нив се чита неговата порака до човештвото:

„WE HEBBEN TUSSEN WONDEREN GELEEFD,
MAAR WE HEBBEN HET NIET BEGREPEN.“

Епитафот е последната реченица од романот „Боговите си одат дома“ (De goden gaan naar huis): „Живеевме меѓу чуда, но тоа не го сфативме“!

Мишо Јузмески