Агенцијата за индустриски развој на Обединетите Нации – УНИДО, во соработка со Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, организира работилница на тема “Утврдување на заеднички активности и визионирање на кластерот за туризам во регионот на Охридското Езеро”. Работилницата има за цел да воспостави дијалог помеѓу сите чинители во туризмот во регионот на Охридското Езеро, за заеднички да се изгради визија и мапа на активности на Кластерот, кои ќе придонесат кон остварување на неговата визија.

Покрај претставниците на УНИДО и Факултетот за туризам и угостителство, на работилницата учествуваа претставници од Министерството за Економија, оделот за туризам, како и претставници на Националната Агенцијат за туризам. Кластерот во моментот е составен од 25 идентификувани релевантни чинители во туризмот во овој регион, но истиот останува отворен за нови членки кои имаат желба и компетенции да придонесат во процесот на позиционирање и промовирање на Охридското Езеро како посакувана туристичка дестинација.

УНИДО преку својот тим во Р. Македонија, ќе го имплементира две-годишниот проект кој се очекува да резултира со зајакната национална и локална инфраструктура, составена од сите релевантни чинители, кои ќе работат на позиционирање на Охридското Езеро како една од најпосакуваните туристички дестинации.

УНИДО е специјализирана агенција на Обединетите Нации која го промовира индустрискиот развој во насока на намалување на стапката на сиромаштија, инклузивна глобализација и одржлива животна средина. Мандатот на Агенцијата за индустриски развој на Обединетите Нации, УНИДО, е да го промовира и забрза инклузивниот и одржлив индустриски развој во земјите во развој и економиите во транзиција.

OhridNews